Најголемите 10 тендери во текот на минатата година заедно чинеле дури 200 милиони евра, покажува рангирањето направено од страна на БизнисМрежа.мк. Нарачатели на 8 од 10-те најголеми тендери се државни и јавни претпријатија, а две се приватни компании кои вршат јавна дејност – „Производство на топлина Балкан енерџи“ и „ЕВН Македонија“. Од државната каса директно отишле пари за тендерот на Министерство за здравство кој чинел 21.655.000 евра, за тендерот на Министерството за транспорт и врски (4.750.000 евра) и за тендерот на Министерството за внатрешни работи ( 4.600.000 евра). Од Градската каса пак, еден тендер е со рамковна вредност од 18,5 милиони евра.
ТОП 10 ЈАВНИ НАБАВКИ ВО 2021 ГОДИНА
ДОГОВОРЕН ОРГАН | НОСИТЕЛ НА НАБАВКА | РАМКОВНА ВРЕДНОСТ |
Производство на топлина Балкан енерџи ДООЕЛ | ТЕ-ТО АД – Скопје | 70.000.000 Euro |
ЈП за државни патишта | Илинден АД-Струга | 23.740.000 Euro |
Центар за култура Иљо Антески Смок – Тетово | НБ компани ДОО Тетово | 23.000.000 Euro |
Министерство за здравство | АД Д-р Пановски – Скопје | 21.650.000 Euro |
АД ЕСМ | Марковски компани ДООЕЛ – Битола | 18.800.000 Euro |
Град Скопје | Жикол ДООЕЛ – Скопје | 18.500.000 Euro |
АД ЕВН Македонија | Никоб ДОО – Скопје | 8.900.000 Euro |
ЈП за одржување на патишта | Илинден АД – Струга | 5.950.000 Euro |
Министерство за транспорт и врски | Стентон градба ДОО – Битола | 4.750.000 Euro |
Министерство за внатрешни работи | Зоник градба инженеринг ДООЕЛ – Скопје | 4.600.000 Euro |
„Производство на топлина Балкан енерџи“ е на врвот на листата со јавна набавка склучена на 28.12.2021 од над 4,3 милијарди денари, односно околу 70 милиони евра. Станува збор за рамковна спогодба со фирмата која всушност и е компанија-мајка, Друштвото за производство на електрична енергија и топлина ТЕ-ТО АД Скопје, за набавка на 38.000.000 нормални кубни метри гас. Договорот е за испорака на гас за период од 1 јануари до 30 април. Но, поради високата цен на гасот, која не влезе во новоформираната цена на централното греење, ЕСМ стана привремен управител на „Производство на топлина Балкан енерџи“.
На тендерот и на ЈП за државни патишта и на ЈП за одржување и заштита на магистрални регионални патишта победник е Илинден АД Струга. Од овие два тендера, компанијата добила работа за речиси 30 милиони евра. Притоа, првиот тендер е за изградба на регионален пат Р2246 делница, Извор (спој со А2) – Гарски Мост, а вториот е за инвестициско одржување на патишта во тек на две години.
Национална установа Центар за култура Иљо Антески Смок – Тетово за втората фаза за изградба на нов објект за театар и библиотека во Тетово го избрала Друштвото за градежништво, трговија и услуги НБ – компани ДОО Тетово, за што е склучен договор од 23.000.000 евра. Како што веќе пишувавме, оваа национална установа е на петтото место на последната „црна листа“ што редовно ја објавува УЈП, со неплатен долг за ДДВ од дури 3,4 милиони евра.
Министерството за здравство склучило договор со велдрогеријата „Д-р Пановски“ за биолошка моноклонална и таргет терапија за 21.650.000 евра.
– Онкологијата драстично се измени последните години, и оваа терапија е одговор на тие промени. Иновативната биолошка, моноклонална и таргет терапија е наменете за сите пациенти кои имаат потреба од лекување со ваков тип терапија. Станува збор за 30 нови биолошки лекови кои се исклучително скапи, а успеавме да ги обезбедиме за најголемиот број пациенти кои се со хемато-онколошки малигнитети – изјави во 2019 година спец. д-р Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија и радиотерапија, откога лековите почнаа редовно да се набавуваат за пациентите со овие тешки заболувања.
Државната компанија за производство на електрична енергија – ЕСМ со „Марковски комапни“ склучила договор за 18.800.000 евра за ископ на јазглен и за технички решенија за заштита на копот. Оваа набавка беше и критикувана од опозицијата, по што ЕСМ објасни дека морала итно да направи ваква набавка поради енергетската криза и задолжувањето од страна на Владата да произведува струја за задоволување на 100 проценти на домаќинстват и на малите фирми, место 60% колку што налага регулативата за оваа година.
Град Скопје склучил договр со Жикол за 18.500.000 евра, за изградба на раскрсница на ул. „Скупи“ и бул. „8-ми Септември“, раскрсница на бул. „8-ми Септември“ и бул. „Никола Карев“ и на бул. „Никола Карев“ и ул. „Словенечка“.
АД „ЕВН Македонија“ редовно го ангажира Друштвото за обезбедување на лица и имот Никоб ДОО експорт-импорт Скопје. Во јуни минатата година ЕВН склучил двегодишен договор за обезбедување на објекти и терен, за патролно обебедување, за инсталација на комуникациони уреди, за нивно одржување, за алармни уреди, видео камери…Рамковната вредност на договорот е 8.900.000 евра.
Министерство за транспорт и врски договорот за изградба на насипна брана со придружни објекти „Отиња“, општина Штип, го доверил на Друштво за производство, промет и услуги Стентон градба ДОО с.Долно Оризари, Битола, а вредноста е 4.750.000 евра.
Министерство за внатрешни работи со Зоник градба инженеринг ДООЕЛ – Скопје склучил рамковен договор за период од 3 години за услуги за тековно одржување на објекти на МВР со изведба на градежни, градежно-занатски, занатски, инсталатерски и други работи. Рамковната вредност на договорот е 4.600.000 евра.
извор: pari.com.mk