Aмериканските мултинационални корпорации за финансиски услуги „Visa“ и „Mastercard“ објавија дека донеле одлука за престанок на работењето со Русија поради инвазијата на оваа земја врз Украина.
Според соопштението, компанијата „Mastercard“ одлучила да ги прекине услугите на својата мрежа во Русија приклучувајќи се на актуелните санкции против Русија.
„Со оваа акција, картичките издадени од руските банки повеќе нема да бидат поддржани од мрежата на MasterCard“, се вели во соопштението на компанијата.
И американската компанија „Visa“ објави дека донела одлука да ја прекине работата на територијата на Русија.
„Врз основа на одлуката која стапува на сила веднаш, Visa ќе работи со своите клиенти и партнери во Русија за да ги прекине сите трансакции во наредните денови. Откако ќе се завршат сите започнати трансакции, Visa картичките издадени во Русија веќе нема да функционираат надвор од таа земја, а сите Visa картички издадени од финансиски институции надвор од Русија нема да можат да се користат во рамките на Руската Федерација“, соопшти компанијата.